Петар Печков
Објавено: сабота, 07 јануари 2012
Возљубени браќа и сестри!
Денес вечниот Бог се раѓа во времето. Бесплотниот се облекува во плот. Оној, Кој е зад границите на смртта, влегува во областа на смртноста. Денес, почнува крстниот пат Господов, ни се јавува жртвената, крстната божествена Љубов. Денес јаслите витлеемски ја претскажуваат онаа пештера, каде што ќе биде положен нашиот Господ Исус Христос, симнат од крстот по маченичката смрт... И сиот пат од животот Господов е исполнување на таа заповед за љубовта, која не знае за граници, за таа љубов, која својот живот го дава за своите ближни. Сите луѓе кои создавачкото Слово Божјо ги повикало кон постоење, биле Негови браќа и сестри, биле возљубени деца Божји, кои го изгубиле својот пат и кои Он дошол да ги побара.
Драги браќа и сестри!
Ние, како Христови следбеници, во денешниов празничен ден, можеме да го поставиме темелот на нашето лично покајание, па преку промена на мислите и срцата, да стапиме на патот Христов. Можеме со нови очи да се загледаме и со восхит да увидиме, дека Детето, родено во Витлеем е Живиот Бог, кој стана жив Човек заради нас и дека во тој Младенец се крие сета полнота на невидливиот и несфатливиот Бог. Да се радуваме и да Го воспеваме и ние денес Новородениот Христос, Кој се јави за да донесе меѓу луѓето мир, слога и братска љубов.
Бог се симна на земјата за да му даде можност на човекот да се воздигне високо на небесата. Да се радуваме и веселиме зашто беа послушани од Бога молитвите наши и се исполнија зборовите на Отецот Небесен, искажани на нашите прародители Адам и Ева по нивниот престап, дека ќе дојде време кога ќе биде испратен Месија меѓу луѓето за да го помири со Бога грешниот човечки род. Да се радуваме и веселиме зашто Спасителот се роди преку непорочната Дева Марија и со тоа се исправи исконската неправда и се победи прародителскиот грев, кој се пренесува врз човечката природа од Адама, па сè до денес. На денешниов ден се роди долгоочекуваниот Емануил за кого пишуваа старозаветните пророци. Светна на хоризонтот ѕвездата што го најавуваше изгревањето на „Сонцето на правдата“. Се јави Утешителот на тие што страдаат, Избавителот на угнетените, Лекарот на болните, Надежта за правдољубивите и Востановувачот на еднаквоста меѓу луѓето во целиот свет.
Возљубени наши духовни чеда!
Согледувајќи дека се наоѓаме во време на духовна криза, Повардарската епархија и оваа година сериозно се посвети на мисионерска и просветителска дејност, задржувајќи го континуитетот на своите редовни и периодични весници, списанија и книги, кои со својата извонредна духовна содржина, веруваме дека ќе придонесат за правилно воспитување на македонските православни христијани.
Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите наши благочестиви христијани, кои преку донации на храна и облека го помагаат секојдневното нахранување на повеќе наши сиромашни браќа и сестри во Црковно-народната кујна во Велес. Благодатта на воплотениот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух нека бидат со сите дарители, градители и украсители, кои со својот труд се вградуваат себеси како живи камења во Црквата Христова и како органи на Телото Христово, несебично работат за општото добро.
Возљубени чеда во Господа Исуса Христа!
Со овие желби и големи надежи ви го честитаме денешниот величествен празник и ви пожелуваме да го прославите во меѓусебен мир, љубов и разбирање. Срдечно ве повикуваме на денешниов радосен празник, со голема христијанска и евангелска љубов понизно да се поклониме пред Витлеемската пештера, со очите на просветениот дух да го видиме во јаслите новородениот Спасител и Месија, да му ги отвориме нашите души и срца, за да го примиме Неговото спасение и заедно со ангелите на небесата да запееме: „Слава му на Бога во височините и на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“. Амин!
Христос се роди, навистина се роди…
Tweet |